You are here
Home > локално > Стаса и автобусот на струја од Софија

Стаса и автобусот на струја од Софија

Ноќеска во базата на ЈСП во Автокоманда стасал автобусот на струја од Софија кој ќе се вклучи во тест периодот на јавниот превоз во Скопје. За разлика од мерцедесовиот автобусна гас кој веќе трет ден е дел од градскиот превоз и беше ганц нов, овој на струја е веќе користен две години во Софија.

Се очекува по скопските улици да почне да вози за две недели, на линијата „15“. Во меѓувреме возилото треба да се ребрендира, да се монтираат валидаторите, како и да заврши изведбата на неопходната инфраструктура.

„Во моментов се работи на поставување на држачите за полначите, односно се комплетира неопходната платформа на почетната и крајна станица на линијата на која ќе вози автобусот. Очекуваме за најмногу две недели да го вклучиме во сообраќај“, изјави за „Независен весник“ Кристијан Чушков, директор на ЈСП.

И овој автобус му е даден на Град Скопје на бесплатно користење, од страна на бугарската компанија „Кериот моторс“ со која градоначалникот Петре Шилегов, неодамна потпиша договор за соработка.

Автобусот е производство на израелска компанија која во соработка со кинеската компанија „Хајгер“ произведува 76 автобуси на ден. Таков тип автобуси веќе се дел од јавниот превоз во Белград, Грац, Тел Авив, а наскоро ќе се возат и во Мадрид и во Салцбург. Главната придобивка кај овој тип автобуси е тоа што нема никакви емисии на издувни гасови, што е одлична солуција за град со ниво на аерозагадување какво што има Скопје. За еден ден возење низ Скопје, електричниот автобус ќе прави трошок за електрична енергија од 21 евро, што е многу помалку отколку трошоците за дизел-гориво на двокатните автобуси, кои се околу 120 евра на ден. Во случај Град Скопје да се одлучи за ваков тип автобуси, ќе треба да обезбеди десетици локации со полначи за автобусите.

По истекот на тест периодот на овој автобус, и тој на гас на Мерцедес, Град Скопје ќе треба да одлучи со каков тип на еко-автобуси ќе го модернизира возниот парк на ЈСП. Шилегов најави дека до крајот на годинава ќе бидат купени 20-30 автобуси. (Д.Т.Д.)

Leave a Reply

Top