You are here
Home > кујна > Њоки со доматен сос и пармезан

Њоки со доматен сос и пармезан

Ако ја сакате италијанската кујна и ако тестенините редовно се на вашето мени, тогаш дефинитивно ќе ги обожавате њоките. Тие се едноставни за приготвување, а поради тоа што немаат силен вкус, можат да се комбинираат со различни сосови, па секојпат ќе имате нов специјалитет. Њоките можат да се купат како готов производ, но домашните њоки имаат посебен шмек, па засукајте ги ракавите и подгответе се за нова авантура во кујната.

СОСТОЈКИ:

  • 1kg компири
  • 1 ½ шолји брашно (~200g)
  • ½ шолја ситно рендан пармезан
  • 1 јајце
  • 500ml доматен сос
  • 1 чешне лук
  • 1 лажичка мелено морско оревче
  • босилек
  • сол
  • црн бибер
  • маслиново масло

ПОДГОТОВКА НА ЊОКИТЕ

Сварете ги компирите во длабоко тенџере со солена вода. Исцедете ги и оставете ги да се изладат. Излупете им ја лушпата и изрендајте ги ситно во длабок сад. Многу е важно компирите да бидат ситно рендани за да нема големи парчиња и да се добие соединето тесто без грутки.

Во ренданите компири додајте го брашното, пармезанот, морското оревче и зачинете со сол и бибер по вкус. На крајот додајте го и јајцето и започнете да мешате со дрвена лажица. Потоа со рацете месете го тестото додека компирите не се соединат со брашното.

Поросете брашно на површината на работната маса, земете мал дел од тестото и развлекувајте го во долга колбасеста форма. Дебелината на „колбасот“ од тесто треба да изнесува 1 до 2 сантиметри. Со нож расечете го обликуваното тесто на парчиња долги околу 2 сантиметри (по желба може и поголеми). Со врвот на прстот од едната страна на секое парче направете мала вдлабнатина, а на другата страна со виљушка направете ребреста текстура. Ребрестата текстура помага сосот подобро да се задржи на њоките.

Во тенџере со вода додајте една лажичка сол и ставете го на оган за водата да зоврие. Во врелата вода додајте ги њоките. Њоките се готови откако ќе испливаат на површина. Извадете ги од водата.

ПОДГОТОВКА НА СОСОТ

Во тавче ставете 1 лажица маслиново масло. Откако ќе се загрее, додајте го ситно исечканиот лук и пржете додека лукот не добие златна боја.

Додајте го доматниот сос и зачинете со босилек, црн бибер и сол по вкус. Препорачливо е да се користи свеж босилек, но и сувиот ќе го збогати јадењето со примамлива арома.

Мешајте и пржете додека сосот не се згусне.

Полејте ги њоките со сосот и врз нив поросете малку пармезан. Украсете со ливчиња босилек.

Leave a Reply

Top