You are here
Home > актуелно > 8 млади ја претставуваа Македонија во Мозен, Германија

8 млади ја претставуваа Македонија во Мозен, Германија

Во период од 1 до 9 Ноември, во малото селце Мозен опкружено со прекрасна природа и езеро во Германија, 8 младинци од Македонија имаа можност да учествуваат на младинска размена на тема “Living together: lets work on common understanding” како дел од Ерасмус + програмата. Младинците беа поддржани од невладината организација Младински совет Нова Генерација која воедно е и партнер на проектот.

Домаќин на овој проект беше Германската организација Youth for Sustainable development Lubeck, а на проектот учествуваа 48 младинци од Македонија, Србија, Италија, Турција, Романија и Германија.

Темата на оваа размена имаше за цел да создаде поинклузивно општество преку решавање на проблемот со стереотипи, предрасуди и дискриминација и преку подигање на свеста и разбирањето на младите за важноста на интеркултурниот дијалог.

За време на 7-дневната размена , учесниците имаа можност да го истражат методот на storytelling или раскажување приказни како иновативна алатка за интеркултурно учење и дијалог. Оваа младинска размена им овозможи на учесниците да комуницираат со локалното население и да ги соберат своите приказни како одраз на нивните вредности, перцепции и мислења.

Покрај дневните активности кои беа спроведени преку неформално образование, учесниците имаа можност да учествуваат и во вечерните активности и организираните спортски игри, турнир во пинг понг, заедничко гледање на филмови, танцување и интеркултурни вечери каде се претставуваа различни култури, танци но и традиционална храна.

Top